Tuesday, April 3, 2012

Шугавиот град и Распеаните скопјани

И покрај тоа што го делам револтот на Распеани скопјани кон историско - урбанистичкото унакажување на Скопје, морам да признам дека последниот настап им е во најмала рака навредлив, не само кон градот, туку и кон сите оние кои се родиле, или пак живеат во него.

Наместо критиката да биде упатена кон оние кои го силуваат Нашиот град, распеаните, како и неколку пати до сега, успеаја (намерно или ненамерно) да ги помешаат концептите на политичка власт (партија, институции, политики) и Скопје (Град, простор, жители). Со оглед на тоа што ваквото мешање не е инцидент, чувствувам должност да им објаснам преку аналогија. На тој начин, чинам дека ќе им биде помалку сложено да го увидат својот пропуст.

Да се нарече Скопје шугаво, поради тоа што локалната власт (во случајов и централната) во прилично фашистички манир се опходува спрема архитектонско - урбанистичкиот изглед на градот е исто како да се нарече курва, девојката која е силувана од дузина луѓе, со оправдување дека ги „провоцирала“ со здолништето.

Драги мои Распеани скопјани. Скопје, исто како и силуваната девојка е жртвата, објектот врз чие тело се блудничи. Не нарекувајте го шугаво, бидејќи Скопје и без вашиот епитет, доволно го боли.

Friday, March 9, 2012

Пораките на Героски - Вол. 2

Некои велат дека големината на луѓето се препознава преку нивната способност да се справат со критиката упатена кон нив, занемарувајќи ги сите карактерни недостатоци (фрустрација, гнев, комплекси), во обидот да ги согледаат аргументите на оној кој ги критикува. Такви се велат, големите луѓе. За жал, денес нема да пишувам за нив. Денес, ќе пишувам за Героски. Навистина жалам што сум приморан повторно да и додевам на македонската блогосфера со овој новинар, меѓутоа, себе си, а и на оние кои ме поддржаа во пишувањето, им ветив дека ќе посветам неколку текста на деконструирањето на лажните авторитети кои најмалку 20 години го монополизираат македонскиот јавен простор, небаре е во нивна лична сопственост.
Веднаш по појавувањето на првиот текст, на својот твитер профил, Героски напиша: „Ебати „прекрасната“ земја во која ти пишуваш со име и презиме, а те напаѓаат недоквакани анонимуси. Одговор во Фокус.“ После оваа порака на ум ми дојдоа две мисли. Прво, човеков очигледно сум го растревожил штом и покрај неговата надменост и елитистичко опходување се решил дури и јавно да опцуе!? Второ, вели „одговор во Фокус“. Добро, си викам, очигледно сака да уплаши, демек,  на располагање имам медиум, па ти дрзни се да ме критикуваш ако имаш храброст. И така би! Предупредувањето се оствари. Во денешниот број на неделникот Фокус, Героски одвоил 2/3 од својата колумна на мене. Малку чудно со оглед на тоа што во твитот ме нарече анонимец!? Па добро, кој посветува толкаво внимание и енергија на безначаен анонимец? Ах, ми текна, најверојатно оној кај кого биле испровоцирани психолошките карактеристики наведени на почетокот од текстот.
Но, да прејдам на текстот во Фокус. Веќе првата реченица ме одвраќа од желбата да читам понатаму. Вели вака: „На еден наш локален блог, чиј автор, барем засега е анонимен - првиот карактеристичен симптом на дпмнеовскиот кретенизам во пропагандата!...“ Има ли потреба од деконструкција? Оние кои ја следеа и кои учествуваа во „дебатата“ помеѓу некои наши твитерџии и една професорка, сигурно ќе го препознаат истиот механизам на справување со критиката. Ако размислуваш поинаку, тогаш сигурно одработуваш партиска задача. Ти, едноставно МОРА да си дпмнеовец и ништо друго!. Нормално, тука следуваат и сите пропратни вмровски стереотипи кои со децении беа градени во минатиот систем (кретен, неписмен, мрсулав, брадосан и т.н.). Одиме понатаму. Втор пасус. Започнува вака: „И ај, да видам што напишало детулето. Кога ваму, со мали дози на задолжителна пизма - вториот карактеристичен симптом на дпмнеовската шизофренија, сега надградена и проширена...“. Героски бездруго не знае кој стои зад овој блог. Тој самиот го потврдува тоа на почетокот од текстот. Значи, тој не знае ниту една лична карактеристика на авторот на текстот на кој алудира. Тогаш, зошто е убеден дека сум детуле? Веројатно не мисли во физичка (бидејќи не знае) туку во интелектуална смисла. А штом веќе одлучил дека неговиот замислен противник е дпмнеовец, тогаш тој сигурно е интелектуално инфериорен и недостоен да му се одвојува внимание. Токму затоа јас сум детуле.
Но, Героски не застанува тука. Следен пасус: „Блогеров тврди дека ја прочитал оваа реченица неколку пати (што е неверојатен скор за една портокалова фиданка - замислете, да се прочита цела една реченица, па згора на тоа, уште неколку пати)“. Да не се повторувам. Истата ароганција и надменост. Тука веќе станува очигледно дека Героски не комуницира со авторот на блогот, туку со негов замислен противник на кого претходно веќе му се прикачени стереотипните карактериситки и дпмнеовската облека. Но, мене ми станува интересно и читам понатаму. Веќе со следната реченица ми го враќа вниманието: „...карактеристичен симптом за страшното ментално растројство на денешниве млади преродбеници - нивната трагична неспособност да сфатат едноставна парабола, прост виц, обична шега, тој интелектуален хендикеп...“.
На етикетите повеќе не ни обрнувам внимание, нешто друго ми паѓа в очи. Героски од ад хоминем аргументација преоѓа на теоретска аргументација и тоа сосем несвесно. Сега ми станува навистина интересно. Вели дека рекол „едноставна шега“, „прост виц“. Јас би рекол сосема неточно, сосема спротивно. Во вицот е вистината. Во параболата е пораката. Токму тука се крие колективниот менталитет, или ако сака, со Јунгов речник, вицот може да биде одраз или форма  на колективното несвесно, но и на колективното свесно изнедрувајќи се од самата политичка реалност! Да, во вицот има повеќе вистина и реалност отколку во официјалната политика.
Да потсетам дека Жижек, огромен дел од своите истражувања им посвети токму на вицовите и сличните форми во земјите со тоталитарно минато. Жижек не ја анализира единствено духовната состојба на народите во тоталитарните системи, туку и политичките институции и сето тоа преку едноставна анализа на вицови и параболи кои кружеле меѓу граѓаните. Токму ваква деконструкција се обидов да наметнам во претходниот пост за Героски. Но, човекот решил дека е поедноставно да дебатира со замислен непријател отколку со мојот текст. Героски понатаму се потсмева на мојата дистинкција помеѓу демократичност и департизација на институциите, што за него претставува една те иста работа. Ах, какво непознавање на авторитетниот и надмен новинар. Просто е! Ако имаат иста содржина, тогаш ќе имаат и ист означувач. Демократизацијата на институциите, пред се, значи отвореност, транспарентност, инклузивност, отчетност и одговорност пред оние во чие име се остварува власта. Департизацијата пак значи отфрлање на сите дихотомни интерпретации на граѓанскиот ангажман и, најважно, воспоставување на мериторен (наместо партиски или споилс) систем на наградување и напредување во институциите кои имаат јавен (државен) карактер. Толку од интелектуалната расправа. Единствено во овие две реченици бев ангажиран да спорам. Можеби поради тоа што сум детуле, но останатиот дел од текстот (околу 96%) го проследив со огромна насмевка на моето лице. Героски, во уште неколку наврати ме обојува во портокалово, притоа незаборавајќи да ја потенцира мојата кретеноидност. Понатамошната анализа на текстот е сосема бесполезна, бидејќи се состои од повторување на квалификациите кои претходно, самиот тој, веќе ги утврди.


Што можам да заклучам?

Прво, искрено сум разочаран од непознавањето на правилата на аргументирање од страна на новинарот. Целиот текст изобилува со ад хоминем аргументи кои, наместо со мојот текст, се занимаваат со мојата личност, карактеристики, мотивации и сл. И, згора на тоа, сите овие карактеристики се негова конструкција (кретеноиден вмровец, портокалов, преродбеник...). Правилото на интелектуална расправа вели, не спори со личноста, спори со неговите аргументи. Героски очигледно не е интелектуалец. Тој потрошил повеќе време да напише како ме замислува, отколку да покаже зошто не сум во право. Токму тука ја гледам неговата немоќ и фрустрација.

Второ, неколку пати ме нарекува анонимец, анонимен. Зарем аргументите се помалку вредни кога ги кажува анонимниот? Доколку анонимно напишам дека земјата кружи околу сонцето, зарем тоа влијае на фактот дека земјата навистина кружи околу сонцето?.

Трето, етикетирајќи ме, Героски покажа завидна способност да спори со замислен, конструиран непријател. Можам да го споредам единствено со Дон Кихот и неговата борба со ветерниците. Истовремено ми текна и на македонскиот превод на еден култен филм на Тери Гилијам со Џони Деп и Бенисио Дел Торо во главните улоги.

Четврто, во претходниот пост напишав дека во поглед на користењето на пропагандните техники, Героски воопшто не е различен од шарлатаните од типот на Латас и Миленко. Да илустрирам. Латас секоја критика ја етикетира како соросоидна, додека пак Миленко, своите противници уште посочно ги навредува, нарекува предавници и ги закачува на табла. Денес, Героски ме етикетираше како дпмнеовски кретеноид, портокалов преродбеник и сл. На комуникациско ниво, нема никаква разлика. Героски и Латас се двете страни од истата монета!.

Петто, со жалење можам да констатирам дека во Македонија постои потполна окупација на медиумите и агората од страна на две спротивставени елити кои, во својата беспоштедна борба за власт, го уништуваат секоја обид за непартиски граѓански дискурс и независен социјално - политички ангажман. Додека актуелната протототалитарна власт етикетира и сатанизира, „интелектуалците“ како Героски го компромитираат секој облик на независна граѓанска критика или движење, лепејќи се како пијавици во обид да ја исцицаат свежата крв заради лична корист.

Шесто, сакам да упатам јавна благодарност до Героски кој во својата колумна одвои далеку повеќе простор за мене, отколку за најголемиот преседан во историјата на македонското судство - добиениот судски спор против Латас! Очигледно, не сум небитно детуле.








Tuesday, March 6, 2012

Пораките на Героски

Во денешниот број на Фокус, во секцијата „На втор поглед“ која ја уредува Бранко Героски, осамна една мудра мисла која ќе ја пренесам во целост.  Вели вака : „Оваа прекрасна земја и припаѓа на обединета Европа, рече вчера новиот евроамбасадор Орав. Не замерувајте му на човекот. Нов е, уште не знае кај се наоѓа.“
 Ја читам оваа реченица веќе неколку пати и не можам да сфатам до каде може да оди непрофесионалноста и дилетантизмот на некои новинари кои, меѓудругото, се себеумислени дека претставуваат најголеми авторитети во својата професија. Каква врска има протоколарно - срдечната  порака на новиот евроамбасадор, со владеењето на политичката елита на која Героски очигледно алудира. Зарем има некаква релација помеѓу популистичкиот обид на Орав да кокетира со македонската јавност, доделувајќи и неколку комплименти на државата во која туку што го започнува својот мандат, со (не)успехот на политичката власт да организира демократски институции и стабилен политички поредок во кој се почитуваат основните права и слободи на граѓаните? Зарем „прекрасноста“ на државата (што и да подразбира Орав под тој термин) има некаква врска со партијата која е на власт? Зарем реките се помалку длабоки, а планините помалку високи кога ДПМНЕ или СДСМ е на власт? Зарем не можам  да се залагам за департизација и демократизација на институциите, да критикувам и протестирам против протототалитарните методи на владеење, а истовремено да не и се потсмевам на државата во која живеам?
Всушност, кога Героски вели:  „Не замерувајте му на човекот. Нов е, уште не знае кај се наоѓа“ - Пораката гласи: Секој кој и дава комплимент на државата, макар и во дипломатско - куртоазен и неполитички контекст е, или луд (еуфемизам : „не му замерувајте“) или глупав (еуфемизам : “нов е, незнае кај се наоѓа“).
Ако пораката е онаква каква што сметам, се поставува прашањето на кој начин ќе ја отчитаат истата оние на кои им е упатена (читателите на Фокус, а во потесна смисла, публиката кај која Героски има најголемо влијание). Се плашам дека од „авторитетот“ ќе прочитаат дека, или се глупави или луди, доколку сметаат дека оваа држава, географски, културолошки но и политички и припаѓа на „обединета Европа“ како што вели Орав.
Героски бездруго ја знае разликата помеѓу концептите на власт и држава. Но, веројатно, нивното намерно мешање повеќе одговара на целта, т.е. пораката која сака да ја упати. На ниво на принцип, или комуникациски методи кои ги користи, воопшто не правам разлика помеѓу него и новинарските шарлатани кои и се додворуваат на власта, спинувајќи преку (про)владините медиуми. 
Овој текст пред себе го носи ризикот да биде протолкуван како премногу остар, но тоа ќе биде само од страна на оние кои немаат навика да ги следат пишуванките на Героски и континуитетот на неговите пораки.

Tuesday, February 28, 2012

Букурешкиот дијалог

                                                                   Вовед


 Имајќи ја предвид актуелноста на прашањето поврзано со приемот на Македонија во НАТО, а во поширок контекст и природата на меѓународната политика, одлучив, првиот пост на овој блог да им го посветам токму на овие теми. Најтешко е кога нешто започнуваш. Има милион начини а ниту еден од нив не е вистинскиот. Затоа, решив да приложам текст кој е напишан пред повеќе од три години и за кој сум убеден дека е сосема возможно да ја содржи истата актуелност како и во времето кога е пишуван. Како и да е, овој текст нема амбиција да спекулира, ниту да морализира. Овој текст е дескриптивен и има намера единствено да ги опише дејствијата и акциите кои ги преземаат државите во меѓународните односи. Со оглед на тоа што текстот е пишуван од ракурс на „политичкиот реализам“ сосема извесно е дека очекувам епилогот од Самитот во Чикаго да биде идентичен со оној од Букурешт. Токму тука ја лоцирам актуелноста и релевантноста на редовите кои следуваат...
  


                                                          Букурешкиот дијалог


Намерата на овој краток текст е да ја покаже конзистентноста во меѓународните политички односи, настани и актери. Наспроти сите напори за обединување на Европскиот континент во политичка, економска па дури и културолошка смила, сметам дека и во иднина, државите и нациите ќе останат единствените субјекти кои ќе ги обликуваат политичките процеси. Појдовната хипотеза се движи во линија на реалистичкиот концепт, кој државите ги перцепира како рационални и унитарни субјекти кои имаат легитимно право да го следат својот национален интерес. Во служба на оваа хипотеза, ќе реферирам на епохалното дело на Тукидид, „Мелијанскиот дијалог”. Всушност, преку него,  ќе се обидам да покажам дека постои едно универзално политичко битие, или „објективен дух на светот” во Хегелијанска смисла, кој им дава своевиден континуитет на политичките собитија, а кој се темели врз верувањето во непроменливата човекова природа. За таа цел, преку „Букурешкиот дијалог”, ќе покажам дека реалистичкиот приод кон опишувањето на односите меѓу државите е сеуште релевантен, всушност, тој е толку жив што можеме да раскажеме една актуелна политичка приказна, при тоа користејќи ја нарацијата на Тукидид, токму онака како што би ја раскажал и самиот тој кога би бил наш современик...
...Таа пролет Атињаните и Скопјаните испратија свои делегации да ги претставуваат на самитот на НАТО во Букурешт, Романија. Атињаните тргнаа со јасна и единствена цел, да ја искористат својата позиција како членови на оваа организација, со намера да ги принудат Скопјаните да ги напуштат своите цврсти позиции во врска со името на нивната земја и да се покорат на волјата на помоќниот. Скопјаните беа соседи на Атињаните, тие имаа сосема мала политичка и економска моќ, така што сите нивни надежи беа насочени кон овој самит и шансата конечно да станат дел од големото Евро-атлантско семејство. На тој начин, Скопјаните сметаа дека еднаш засекогаш ќе се потврди и загарантира нивниот опстанок. Неколку моменти пред почетокот на заседанието каде што се гласаше за прием на нови членки, делегациите на Атињаните и Скопјаните се сретнаа зад затворени врати, да преговараат за можноста Скопјаните да станат дел од оваа организација...
Атињаните: Скопјани, ви препорачуваме да бидете мудри, практични и рационални и да го прифатите она што ние ви го нудиме, а тоа е членство во нашето семејство со кое што ќе си го обезбедите опстанокот, во замена за промена на вашето име, што би било добро за двете страни.
Скопјаните: А како може да биде добро и за нас, доколку се откажеме од името на нашата земја?
Атињаните: Вие, ако се откажете, ќе и обезбедите опстанок и просперитет на вашата земја, ние, од друга страна, ќе ги реализираме нашите национални интереси и ќе ја зацврстиме власта во нашата земја.
Скопјаните: Зарем не мислите дека со ветото кое го планирате, нема да стекнете непријатели меѓу другите членки на НАТО, кои во моментов го поддржуваат нашето членство?
Атињаните: Не. Ние воопшто не се плашиме од другите држави на континентот. Сите тие имаат и сопствени проблеми, така што во овој случај најверојатно ќе стојат отстрана. Но и да не биде така, доволна е вољата на само една земја-членка за да го попречи вашето интегрирање.
Скопјаните: Да речеме дека сте во право. Но зарем не би испаднале плашливци и предавници кон сопствениот народ ако го прифатиме вашиот предлог?
Атињаните: Не, бидејќи така ќе бидете разумни. Вашиот највисок интерес треба да е безбедноста на вашата земја, а само членството во НАТО може тоа да ви го загарантира.
Скопјаните: Сепак, ние се надеваме дека на самиот состанок останатите држави ќе ни бидат наклонети. Да ве потсетиме, ние ги исполнивме сите критериуми за членство во овој сојуз. На крајот на краиштата, ние веруваме во истите принципи како и другите земји во Европа, а тоа се индивидуалната слобода и либералната демократија.
Атињаните: Доколку се потпирате единствено на наклонетоста на останатите замји тогаш во потполност ќе погрешите. Нашите цели и вредности се совршено конзистентни со оние на останатите земји - членки на НАТО. Ве уверуваме дека секоја од нив, би постапувала на ист начин доколку се најде во слична позиција. Бидејќи и тие знаат дека постои еден непишан „закон на природата” а тоа е да се следат сопствените национални интереси, при тоа користејќи ги сите средства што стојат на располагање.
Скопјаните: Штом и давате предност на голата сила наместо на разумот и правдата, тогаш ние би можеле да сметаме на помошта на Американците, кои и досега ни беа наклонети и го признаа нашето име.
Атињаните: И во таа надеж ќе останете сосема измамени. Кога се работи за Американците, треба да ве потсетиме дека како ниедна друга држава во светот, тие се вмешуваат единствено кога чувствуваат дека постои можност за било каков профит, без при тоа нешто да се загуби, а најмалку по цена да се загуби некој сојузник. Самото наше членство во оваа организација н? прави нивен сојузник. Што се однесува пак до аргументите кои ги наведовте, покажавте способност повеќе да се потпирате на надежта, помошта од Американците и наклонетоста на земјите - членки при гласањето. Во сите овие очекувања ќе бидете излажани. Бидете разумни и прифатете го нашиот предлог, бидејќи нема ништо срамно во тоа да се покориш на волјата на посилниот. Не дозволувајте да ве заведе чувството на фер и правичност, бидејќи на вашата земја повеќе од било кога и се заканува опасност која може да биде спречена единствено со нашата согласност да бидете примени во НАТО сојузот.
Во тој момент и двете страни се повлекоа од расправата. На потег беа Скопјаните да одлучат каков ќе биде нивниот одговор во врска со понудениот предлог. Откако дојдоа до заеднички став, тие ги повикаа Атињаните и им го соопштија следното:
Нашата одлука Атињани е да не го менуваме името. Ние сеуште веруваме во наклонетоста на останатите земји – членки на НАТО сојузот, бидејќи ги остваривме сите задолженија кои тие ни ги дадоа. Веруваме и во поддршката од Американците која нас толку ни значи, бидејќи тие се најмоќната нација во светот. Но најмногу од се веруваме во идејата на „Европа без граници”, веруваме во принципите на правдата и разумот, веруваме во искрените намери на НАТО сојузот да биде вистинско демократско семејство кое ќе ги вдоми сите држави и нации без оглед на нивната големина и моќ. Ние сме убедени дека се водиме од истите принципи врз кои што почива овој сојуз, бидејќи она што ги надминува државните граници и следењето на националните интереси е идејата за лојалност кон либералната демократија, ткивото кое ги поврзува сите земји – членки на НАТО сојузот.
Атињаните без да го дочекаат крајот на овој одговор, побрзаа на работната вечера на која членките неформално се изјаснуваа за прием на нови држави. На состанокот пак утредента, се потврдија нивните закани. Во заклучниот извештај на НАТО самиот, единствено Скопјаните немаа покана за членство во големото Евро-атлантско семејство.
Американците, неколку пати извршија притисок врз Атињаните да ја променат својата одлука, но сето тоа беше залудно и без резултат.
Во меѓувреме делегацијата на Скопјаните разочарана и пред време го напушти самитот во Букурешт кој се одржуваше во раскошната Палата на Парламентот. Излегувајќи од оваа зграда, тие го забележаа натписот кој со огромни букви беше залепен на самиот влез. Сите тие се прашуваа како можеа а да не го забележат при влегувањето. Разочарани од исходот и изморени од преговорите, во речиси ист момент ги упатија своите погледи кон ѕидовите од Палатата. Размислувајќи како да им ја соопштат лошата вест на своите граѓани, Скопјаните отсутно ја читаа пораката која гласеше: „Силните го прават она што имаат моќ да го направат, а слабите го прифаќаат она што мора да го прифатат”.



Графички приказ на трансисториското повторување на политичките субјекти и концепти

Антички концепти и субјекти                 Современи концепти и субјекти
Атињаните
Грците
Мелијанците
Македонците
Спартанците
Американците
Еднаквост пред боговите
Еднаквост пред меѓународното право
Воената сила како извор на моќ
Членството во НАТО како извор на моќ
Мелијанскиот дијалог
Букурешкиот дијалог