Tuesday, February 28, 2012

Букурешкиот дијалог

                                                                   Вовед


 Имајќи ја предвид актуелноста на прашањето поврзано со приемот на Македонија во НАТО, а во поширок контекст и природата на меѓународната политика, одлучив, првиот пост на овој блог да им го посветам токму на овие теми. Најтешко е кога нешто започнуваш. Има милион начини а ниту еден од нив не е вистинскиот. Затоа, решив да приложам текст кој е напишан пред повеќе од три години и за кој сум убеден дека е сосема возможно да ја содржи истата актуелност како и во времето кога е пишуван. Како и да е, овој текст нема амбиција да спекулира, ниту да морализира. Овој текст е дескриптивен и има намера единствено да ги опише дејствијата и акциите кои ги преземаат државите во меѓународните односи. Со оглед на тоа што текстот е пишуван од ракурс на „политичкиот реализам“ сосема извесно е дека очекувам епилогот од Самитот во Чикаго да биде идентичен со оној од Букурешт. Токму тука ја лоцирам актуелноста и релевантноста на редовите кои следуваат...
  


                                                          Букурешкиот дијалог


Намерата на овој краток текст е да ја покаже конзистентноста во меѓународните политички односи, настани и актери. Наспроти сите напори за обединување на Европскиот континент во политичка, економска па дури и културолошка смила, сметам дека и во иднина, државите и нациите ќе останат единствените субјекти кои ќе ги обликуваат политичките процеси. Појдовната хипотеза се движи во линија на реалистичкиот концепт, кој државите ги перцепира како рационални и унитарни субјекти кои имаат легитимно право да го следат својот национален интерес. Во служба на оваа хипотеза, ќе реферирам на епохалното дело на Тукидид, „Мелијанскиот дијалог”. Всушност, преку него,  ќе се обидам да покажам дека постои едно универзално политичко битие, или „објективен дух на светот” во Хегелијанска смисла, кој им дава своевиден континуитет на политичките собитија, а кој се темели врз верувањето во непроменливата човекова природа. За таа цел, преку „Букурешкиот дијалог”, ќе покажам дека реалистичкиот приод кон опишувањето на односите меѓу државите е сеуште релевантен, всушност, тој е толку жив што можеме да раскажеме една актуелна политичка приказна, при тоа користејќи ја нарацијата на Тукидид, токму онака како што би ја раскажал и самиот тој кога би бил наш современик...
...Таа пролет Атињаните и Скопјаните испратија свои делегации да ги претставуваат на самитот на НАТО во Букурешт, Романија. Атињаните тргнаа со јасна и единствена цел, да ја искористат својата позиција како членови на оваа организација, со намера да ги принудат Скопјаните да ги напуштат своите цврсти позиции во врска со името на нивната земја и да се покорат на волјата на помоќниот. Скопјаните беа соседи на Атињаните, тие имаа сосема мала политичка и економска моќ, така што сите нивни надежи беа насочени кон овој самит и шансата конечно да станат дел од големото Евро-атлантско семејство. На тој начин, Скопјаните сметаа дека еднаш засекогаш ќе се потврди и загарантира нивниот опстанок. Неколку моменти пред почетокот на заседанието каде што се гласаше за прием на нови членки, делегациите на Атињаните и Скопјаните се сретнаа зад затворени врати, да преговараат за можноста Скопјаните да станат дел од оваа организација...
Атињаните: Скопјани, ви препорачуваме да бидете мудри, практични и рационални и да го прифатите она што ние ви го нудиме, а тоа е членство во нашето семејство со кое што ќе си го обезбедите опстанокот, во замена за промена на вашето име, што би било добро за двете страни.
Скопјаните: А како може да биде добро и за нас, доколку се откажеме од името на нашата земја?
Атињаните: Вие, ако се откажете, ќе и обезбедите опстанок и просперитет на вашата земја, ние, од друга страна, ќе ги реализираме нашите национални интереси и ќе ја зацврстиме власта во нашата земја.
Скопјаните: Зарем не мислите дека со ветото кое го планирате, нема да стекнете непријатели меѓу другите членки на НАТО, кои во моментов го поддржуваат нашето членство?
Атињаните: Не. Ние воопшто не се плашиме од другите држави на континентот. Сите тие имаат и сопствени проблеми, така што во овој случај најверојатно ќе стојат отстрана. Но и да не биде така, доволна е вољата на само една земја-членка за да го попречи вашето интегрирање.
Скопјаните: Да речеме дека сте во право. Но зарем не би испаднале плашливци и предавници кон сопствениот народ ако го прифатиме вашиот предлог?
Атињаните: Не, бидејќи така ќе бидете разумни. Вашиот највисок интерес треба да е безбедноста на вашата земја, а само членството во НАТО може тоа да ви го загарантира.
Скопјаните: Сепак, ние се надеваме дека на самиот состанок останатите држави ќе ни бидат наклонети. Да ве потсетиме, ние ги исполнивме сите критериуми за членство во овој сојуз. На крајот на краиштата, ние веруваме во истите принципи како и другите земји во Европа, а тоа се индивидуалната слобода и либералната демократија.
Атињаните: Доколку се потпирате единствено на наклонетоста на останатите замји тогаш во потполност ќе погрешите. Нашите цели и вредности се совршено конзистентни со оние на останатите земји - членки на НАТО. Ве уверуваме дека секоја од нив, би постапувала на ист начин доколку се најде во слична позиција. Бидејќи и тие знаат дека постои еден непишан „закон на природата” а тоа е да се следат сопствените национални интереси, при тоа користејќи ги сите средства што стојат на располагање.
Скопјаните: Штом и давате предност на голата сила наместо на разумот и правдата, тогаш ние би можеле да сметаме на помошта на Американците, кои и досега ни беа наклонети и го признаа нашето име.
Атињаните: И во таа надеж ќе останете сосема измамени. Кога се работи за Американците, треба да ве потсетиме дека како ниедна друга држава во светот, тие се вмешуваат единствено кога чувствуваат дека постои можност за било каков профит, без при тоа нешто да се загуби, а најмалку по цена да се загуби некој сојузник. Самото наше членство во оваа организација н? прави нивен сојузник. Што се однесува пак до аргументите кои ги наведовте, покажавте способност повеќе да се потпирате на надежта, помошта од Американците и наклонетоста на земјите - членки при гласањето. Во сите овие очекувања ќе бидете излажани. Бидете разумни и прифатете го нашиот предлог, бидејќи нема ништо срамно во тоа да се покориш на волјата на посилниот. Не дозволувајте да ве заведе чувството на фер и правичност, бидејќи на вашата земја повеќе од било кога и се заканува опасност која може да биде спречена единствено со нашата согласност да бидете примени во НАТО сојузот.
Во тој момент и двете страни се повлекоа од расправата. На потег беа Скопјаните да одлучат каков ќе биде нивниот одговор во врска со понудениот предлог. Откако дојдоа до заеднички став, тие ги повикаа Атињаните и им го соопштија следното:
Нашата одлука Атињани е да не го менуваме името. Ние сеуште веруваме во наклонетоста на останатите земји – членки на НАТО сојузот, бидејќи ги остваривме сите задолженија кои тие ни ги дадоа. Веруваме и во поддршката од Американците која нас толку ни значи, бидејќи тие се најмоќната нација во светот. Но најмногу од се веруваме во идејата на „Европа без граници”, веруваме во принципите на правдата и разумот, веруваме во искрените намери на НАТО сојузот да биде вистинско демократско семејство кое ќе ги вдоми сите држави и нации без оглед на нивната големина и моќ. Ние сме убедени дека се водиме од истите принципи врз кои што почива овој сојуз, бидејќи она што ги надминува државните граници и следењето на националните интереси е идејата за лојалност кон либералната демократија, ткивото кое ги поврзува сите земји – членки на НАТО сојузот.
Атињаните без да го дочекаат крајот на овој одговор, побрзаа на работната вечера на која членките неформално се изјаснуваа за прием на нови држави. На состанокот пак утредента, се потврдија нивните закани. Во заклучниот извештај на НАТО самиот, единствено Скопјаните немаа покана за членство во големото Евро-атлантско семејство.
Американците, неколку пати извршија притисок врз Атињаните да ја променат својата одлука, но сето тоа беше залудно и без резултат.
Во меѓувреме делегацијата на Скопјаните разочарана и пред време го напушти самитот во Букурешт кој се одржуваше во раскошната Палата на Парламентот. Излегувајќи од оваа зграда, тие го забележаа натписот кој со огромни букви беше залепен на самиот влез. Сите тие се прашуваа како можеа а да не го забележат при влегувањето. Разочарани од исходот и изморени од преговорите, во речиси ист момент ги упатија своите погледи кон ѕидовите од Палатата. Размислувајќи како да им ја соопштат лошата вест на своите граѓани, Скопјаните отсутно ја читаа пораката која гласеше: „Силните го прават она што имаат моќ да го направат, а слабите го прифаќаат она што мора да го прифатат”.



Графички приказ на трансисториското повторување на политичките субјекти и концепти

Антички концепти и субјекти                 Современи концепти и субјекти
Атињаните
Грците
Мелијанците
Македонците
Спартанците
Американците
Еднаквост пред боговите
Еднаквост пред меѓународното право
Воената сила како извор на моќ
Членството во НАТО како извор на моќ
Мелијанскиот дијалог
Букурешкиот дијалог