Tuesday, January 8, 2013


Министерството за образование и наука му додели бесплатни постдипломски студии на последниот Македонец што не магистрирал!



Пред неполн час, до информативните гласила ширум државата, стигна соопштение од Министерството за образование и наука на Република Македонија преку кое ја известуваат јавноста дека се одлучиле да му овозможат на последниот немагистриран државјанин на РМ, да го заокружи своето образование преку доделување на неповратна стипендија, која ќе ги покрие сите трошоци на постдипломските студии кои тој самиот ќе ги одбере.
Со цел да се дознае нешто повеќе околу овој чекор на Министерството за образование и наука, неколку медиуми побараа изјава од Министерот Крале Панчев кој детално ја образложи оваа одлука: „Точно е дека се одлучивме на ваков чекор. Да бидам искрен, одлуката беше донесена спонтано и без некој претходен план. Се се случи откако Министерството за труд и социјална политика побара од нас, како Министерство, да им го дадеме бројот на дипломирани студенти, како и бројот на оние кои веќе магистрирале, со образложение дека истиот им е потребен за најновиот извештај кој ќе се однесува на невработеноста во Република Македонија. Вие добро знаете дека нашата Влада ја красат отвореност и одлична соработка помеѓу министерствата, така што, веднаш постапивме согласно побарувањето и се јавивме во Државниот завод за статистика. Но, оттаму ни пристигна податок кој не зачуди сите. Имено, постои само еден државјанин на Република Македонија кој откако дипломирал не го продолжил своето студирање на постдипломски студии и никогаш не станал магистер!?. Со оглед дека нашето мото како Министерство, но и на нашата Влада во поширока смисла, е „Знаењето е сила, знаењето е моќ“, веднаш го контактиравме единствениот немагистриран граѓанин и му понудивме бесплатно студирање на некој од 284-те дисперзирани студии на државните Универзитети, или на некој од 157-те приватни Универзитети во државата, кое ние во целост ќе го покриеме. Граѓанинот, кој барем засега би сакал да остане анонимен, со неизмерна радост ја прими нашата понуда и во најскоро време очекуваме да не извести на кој Универзитет би сакал да магистрира. Искрено се надевам дека својата магистратура ќе ја комплетира и пред нормалниот рок од два месеца и ќе успее да магистрира уште порано, со што, веќе за неколку недели, би можеле да се пофалиме дека во нашата држава повеќе нема немагистрирани студенти. Тоа, од друга страна, е и крајната цел на Владата на Република Македонија“.




Мене, лично, не ми преостанува ништо друго освен да го поздравам овој потег на Министерството за образование и наука, а на последниот немагистриран државјанин, да му посакам со лесно да стигне до својата титула.




1 comment:

  1. За жал далеку од вистината.
    Македонија има исклучиво неповолна образовна структура.
    http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=10412910287&id=13&prilog=0&setIzdanie=22696
    Бројт на студенти ни е сличен на Бугарија и Хрватска, а бројот на магистри далеку помал од Словенија.
    http://www.eds-destatis.de/de/downloads/sif/qa_10_037.pdf

    ReplyDelete