Tuesday, April 3, 2012

Шугавиот град и Распеаните скопјани

И покрај тоа што го делам револтот на Распеани скопјани кон историско - урбанистичкото унакажување на Скопје, морам да признам дека последниот настап им е во најмала рака навредлив, не само кон градот, туку и кон сите оние кои се родиле, или пак живеат во него.

Наместо критиката да биде упатена кон оние кои го силуваат Нашиот град, распеаните, како и неколку пати до сега, успеаја (намерно или ненамерно) да ги помешаат концептите на политичка власт (партија, институции, политики) и Скопје (Град, простор, жители). Со оглед на тоа што ваквото мешање не е инцидент, чувствувам должност да им објаснам преку аналогија. На тој начин, чинам дека ќе им биде помалку сложено да го увидат својот пропуст.

Да се нарече Скопје шугаво, поради тоа што локалната власт (во случајов и централната) во прилично фашистички манир се опходува спрема архитектонско - урбанистичкиот изглед на градот е исто како да се нарече курва, девојката која е силувана од дузина луѓе, со оправдување дека ги „провоцирала“ со здолништето.

Драги мои Распеани скопјани. Скопје, исто како и силуваната девојка е жртвата, објектот врз чие тело се блудничи. Не нарекувајте го шугаво, бидејќи Скопје и без вашиот епитет, доволно го боли.